Општина Свети Николе преку грант од Светска банка изврши набавка на механизација за потребите на ЈКП „Комуналец“.
Градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски информира дека вредноста на набавката е над 77.000 евра и се состои од сосема нови машини: ровокопач, трактор-косилка и вибронабивач.
– Со набавката на овие машини на прав пат сме да овозможиме поквалитетни услуги за граѓаните на нашата општина, а од друга страна и намалување на трошоците за одржување на веќе дотраената механизација со која располага ЈКП „Комуналец“ и за која се одлеваат голем број на финансиски средства, вели Велковски.
Со набавката на овие машини, комуналното претпријатие и побрзо ќе ги санира дефектите, но и замената на старата водоводна мрежа.
Велковски очекува за две до три години старите цевки да бидат комплетно заменети низ водоводниот дистрибутивен систем. Свети Николе водоснабдувањето на градот ќе го подобри и со реконструкцијата на филтер станицата, а средствата од два милиони евра пристигнуваат од Владата, која одвои пари за општините без проблеми да ги користат услугите на хидросистемот „Злетовица“.
