Таблите на албански со грешки, Села: Одговорност треба да сносат институциите - 4NEWS.mk
Поврзи се

Македонија

Таблите на албански со грешки, Села: Одговорност треба да сносат институциите

Пред неколку дена, Владата ги промени имињата на 136 институции согласно Уставот и Преспанскиот договор. По промената, Владата ја објави листата со новите имиња на институциите. Она што најмногу ѝ „падна во очи“ на јавноста е дека во имињата преведени на албански јазик има доста правописни и технички грешки. Директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, вели дека е нормално на почеток да има грешки, но додава дека одговорност за тоа треба да сносат самите институции.

„Нормално дека секоја институција си сноси одговорност. Во однос на преводите, нормално е на почеток да се случуваат грешки, бидејќи ова е нов предизвик за Владата и државата. Затоа, и очекувани беа ваквите технички грешки, но верувам дека полека како што ќе се формира Агенцијата, така и другите институции ќе се потрудат во иднина да не прават вакви грешки. Ова е нормално и очекувано“, изјави Илбер Села, директор на Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците.

 Според Села, во текот на неделава се очекува конечно да се дознае локацијата на Агенцијата, за потоа да почнат и другите постапки за нејзино комплетирање. Од друга страна пак, портпаролот на Владата, Мухамет Хоџа, вели дека и директорот и Владата работат, за Агенција што поскоро да се стави во функција.

„Директорот во соработка со надлежните органи, како Владата, така и другите институции, се подготвуваат да ја стават во функција Агенцијата за употреба на јазиците. Според информациите кои ги имаме, сите подготовки и активности течат добро и очекуваме наскоро Агенцијата целосно да се комплетира“, изјави портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.

Околу правописните грешки, кои се појавија во списокот на институциите со сменети имиња, ТВ21 побара одговор и од Владата, но од таму ни рекоа дека откако ќе бидат поправени грешките, списокот повторно ќе биде објавен. Во текот на денот, го проверивме списокот и забележавме дека имињата на институциите кои беа напишани погрешно се отстранети и дека на списокот никаде не фигурира албанскиот јазик.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Реклама
Реклама
WP Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com