Се уште траат преговорите во албанскиот опозициски блок за формирање на коалиција на трите најголеми партии, Алијансата на Села, Беса на Касами и Алтернатива на Гаши.
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, утрово во изјава за медиумите вели дека работата со Алтернатива на Гаши е речиси завршена, но со БЕСА се уште постојат разлики.
„БЕСА декларативно вели дека е за соработка, од друга страна, по нивните постапки, како постапуваат на терен и што објавуваат на нивните партиски блогови, тотално е спротивно. Значи декларативно кажуваат дека се за соработка од друга страна нивните напади се поостри кон Алијансата и кон Алтернатива отколку кон ДУИ“ – вели Таравари за Слободен Печат.
Евентуален заеднички настап на опозицијата во албанскиот политички блок ќе биде сериозна закана за ДУИ, партија која непрекинато е на власт повеќе од 10 години. Последните анализи на јавното мислење покажуваат дека Алијансата, Алтернатива и БЕСА заедно имаат идентичен рејтинг како и интегративците од Мала Речица.
Александар Спасовски
