Новите американски царини стапија во сила за десетици земји, вклучувајќи ја и Македонија, на 7 август.
Претседателот Доналд Трамп ги објави кон крајот на јули, заедно со царина од 35 проценти за Канада што стапи во сила на 1 август.
Новите, сеопфатни американски царини се воведени за повеќе од 90 земји низ целиот свет.
„Полноќ е! Милијарди долари царини сега ќе се влеваат во касата на Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на социјалните мрежи неколку минути откако часовникот отчука 00:00 часот по пладне по време во Вашингтон.
Во среда, 6 август, Трамп објави специјални царини од 50 проценти за Индија, кои ќе стапат во сила на 27 август, доколку дотогаш не престане да купува руска нафта.
Кои земји се најпогодени и како се справуваше Балканот?
Со исклучок на Кина и потенцијално Индија, земјите најпогодени од новиот потег на Трамп се земјите од Југоисточна Азија, чии економии се најзависни од извозот.
Меѓу овие земји се Лаос и Мјанмар, кои се соочуваат со царини од 40 проценти.
Некои експерти претпоставуваат дека Трамп ги таргетира земјите со блиски трговски врски со Кина.
Од балканските земји, најлошо се справи Србија, со царини од 35 проценти.
Босна и Херцеговина се соочува со царини од 30 проценти, а Македонија 15%.
Како членки на Европската Унија, Хрватска и Словенија имаат исти царини како и остатокот од европскиот блок – 15 проценти.
Ова важи и за Бугарија, Романија, Грција и Унгарија.
Црна Гора, Косово и Албанија се снаоѓаа најдобро од овој регион – им беа воведени царини од 10 проценти.
Од април, кога Трамп првично објави воведување повисоки царини за повеќето земји во светот, многу од нив се тркаат да постигнат договори со Вашингтон за нивно намалување или целосно избегнување.
Некои големи економии, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Јапонија и Јужна Кореја, претходно постигнаа договори за пониски царини.
Европската унија, исто така, постигна рамковен договор со Вашингтон, во кој Брисел прифати царини од 15 проценти за извоз на стоки.