Општина Центар во понеделник повторно ќе спроведе вонредна дератизација на повеќе локации во општината, поради зголемено присуство на глодари, иако акцијата беше реализирана пред само еден месец.
Од Општината информираат дека од почетокот на годината е спроведена редовната пролетна дератизација на целата територија, како и две вонредни интервенции на критични точки, додека во октомври е планирана редовната есенска дератизација.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека службите постојано ја следат состојбата и реагираат кога е потребно, но дека дератизацијата сама по себе не е доволна за трајно решавање на проблемот. „Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а во понеделник повторно излегуваме на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем“, изјави Герасимовски.
Тој апелира до граѓаните редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените згради и да не оставаат отпад на несоодветни места.
Со вонредната дератизација ќе бидат опфатени шахтите, просторот околу контејнерите и други ризични точки каде што е забележано или пријавено присуство на глодари.
Од Општина Центар најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжи засиленото следење на состојбата на терен и навремена реакција каде што ќе има потреба.