Македонија

Татко на жртва од „Пулс“: 13 години се работело незаконски, сите знаеле, а нашите деца платија со животите!

Татко на жртва од „Пулс“: 13 години се работело незаконски, сите знаеле, а нашите деца платија со животите!
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Тешки обвинувања за институционални пропусти, корупција и неодговорност изнесоа родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Александар Наунов и Томче Стојанов говореа за трагедијата, судската постапка и нивната борба за правда.

Според родителите, трагедијата не била резултат само на пропусти направени во кобната ноќ, туку последица на долгогодишно непостапување на институциите.

Томче Стојанов тврди дека објектот функционирал незаконски со години, а надлежните институции имале сознанија за тоа.

„Тринаесет години да работи на црно, со знаење на сите институции, а на крајот да заврши со една ваква катастрофа“, посочи Стојанов.

Тој изнесе сомневања дека корупцијата и блиските односи меѓу одговорните лица и сопственикот на објектот овозможиле дискотеката да продолжи да работи и покрај неправилностите.

Родителите сметаат дека одговорност треба да се бара кај сите институции кои имале обврска да го контролираат работењето на објектот, вклучително и органите задолжени за инспекциски надзор и безбедност.

Особено ги погодува, како што велат, тоа што по трагедијата никој од лицата чија одговорност се разгледува пред судот не признал вина.

„Сите сега изјавуваат дека се чисти, дека биле професионални во својата работа. Никој не чувствува одговорност“, порача Стојанов.

Во пожарот во „Пулс“ загинаа 63 лица, а стотици беа повредени. За родителите, овие бројки се потсетник на последиците од, како што тврдат, долгогодишното игнорирање на законите.

Тие бараат темелно утврдување на одговорноста, но и суштински промени во функционирањето на институциите, за ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни