Тинекс: Се соочуваме со предизвици, но работиме, се развиваме и гледаме напред

Во последните денови, дел од медиумите објавија информации за финансиската состојба на Тинекс кои не ја отсликуваат целосната и точна слика. Ние, од Тинекс, се обврзуваме на транспарентна и одговорна комуникација со нашите вработени, добавувачи, деловни партнери и со сета јавност. Затоа, денес со факти ги расчистуваме сите недоразбирања.

Тинекс се соочува со предизвици во ликвидноста, кои произлегуваат од негативни финансиски резултати во претходниот период, настанати пред сè поради комерцијална политика која не ги даде очекуваните резултати. Ова е факт кој го признаваме отворено и одговорно.

Меѓутоа, еднакво важен факт е следново: сите плати на вработените се исплатени. Информациите кои се шират дека постои задоцнување со исплатата на плати се неточни.

Менаџментот на Тинекс активно работи на изнаоѓање на конкретни решенија за излез од моменталната состојба. Зборовите ги поддржуваат и делата: најголемите банки и клучните добавувачи на компанијата стојат цврсто зад нас — знак дека довербата во Тинекс и во неговиот потенцијал останува непоколебана.

Преговорите се во тек, а резултатите ќе бидат видливи во наредниот период. Компанијата има јасен план за стабилизација и зајакнување на работењето, со фокус на ревидирана комерцијална стратегија и оптимизација на трошоците.

До нашите вработени: Вашата посветеност и труд се темелот на Тинекс. Вие сте нашата прва и главна грижа. Вашите права ќе бидат заштитени и почитувани во секој чекор.

Соопштение од Тинекс испратено до нашата редакција