Македонија

Томовски: Со чести автобуски линии и поддршка од агенциите го спасуваме „Македонско село“ од пропаѓање

Томовски: Со чести автобуски линии и поддршка од агенциите го спасуваме „Македонско село“ од пропаѓање

Државните институции се во постојана комуникација со концесионерот на етно-комплексот „Македонско село“ со цел овој препознатлив објект успешно да функционира и да ја избегне судбината на повторно затворање и пропаѓање. Ова го истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, при гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“.

Томовски информираше дека комплексот веќе една година работи стабилно, но нагласи дека покрај логистичката поддршка од државата, потребен е поголем ангажман и од поширокиот туристички сектор.

„Им стоиме на располагање и како логистика и како поддршка. Овој период им е подобар за работа на ресторанските услуги, но им треба мала помош за хотелските капацитети со кои располагаат. Година дена функционираат стабилно и се надевам дека така ќе биде уште долги години“, изјави Томовски.

Правни бариери за сместувањето и спас преку ЈСП

Главниот проблем со кој се соочува концесионерот во делот на ноќевањата е специфичниот правен статус на објектите, поради што не можат да конкурираат на класични огласи за хотелски услуги.

  • Категоризација: Објектите не се водат како класичен хотел, туку како апартманско сместување, што им оневозможува учество на одредени јавни набавки.
  • Решение: СОЗР апелира до домашните туристички агенции, но и до самите државни институции, да го препорачуваат комплексот за да се разработи овој дел и да се испочитува договорот објектот да не се затвори во следните 15 години.

Во однос на инфраструктурата и пристапноста, Томовски откри дека веќе се водени разговори со ЈСП Скопје за воведување почести автобуски линии до комплексот. Тој додаде дека голем дел од државните институции веќе ги организираат своите настани таму, а странските гости редовно си заминуваат воодушевени од автентичниот амбиент.

Граѓански ласер за службените возила: Сликани пред маркети и на пазари

Во рамки на истото гостување, првиот човек на СОЗР се осврна и на актуелната тема со воведувањето на новите регистарски таблички за државните автомобили, нагласувајќи дека граѓаните масовно се вклучуваат во контролата на нивната (зло)употреба.

„Граѓаните навистина се осмелуваат да пријават нерегуларности. Најчесто реагираат кога ќе сретнат службено возило на пазарче или пред маркет. Имавме случај со возило на Општина Гази Баба на Кванташкиот пазар, за кое се утврди дека било таму за инспекторски надзор. Наша обврска е по секоја пријава да побараме одговор од институцијата и да утврдиме дали возилото било на службена задача или приватно“, објасни Томовски.

Паралелно со овој процес, СОЗР спроведува и голема акција за расчистување на сопствениот возен парк. Досега се расходувани и отстранети над 100 нефункционални возила кои со години стоеле заборавени на плацовите на службата и правеле метеж.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни