Во Скопје ќе се гради саем откако објектите на Скопски саем беа урнати и на нивно место се изгради трговски центар. Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски во гостувањето во Ноќно студио на 4ТВ кажа дека веќе е најдена локација и објектите ќе се градат со јавно-приватно партнерство. Тој на ја откри точната локација, само рече дека е во близина на студиото на 4ТВ кое се наоѓа во зградите „Џавахир“ во Општина Аеродром.
„Ние како држава сега немаме саем. Имаме некоја локација во најава, чекаме уште да видиме со Град Скопје и Катастар дали таа локација е чиста. Планирано е да се изградат неколку хали за саем, спортски терени и хотел. Би барале приватен којшто ова ќе го инвестира за да не инвестираме ние како држава 50 милиони евра, а сепак тоа да остане на државата“, рече Томовски.
Скопје 8 години нема саем откако тој беше урнат во 2018 година за изградба на ТЦ „Ист гејт“.
Во март 2018, преставници на архитектонската фела, членови на семејствата на проектантите на Саемскиот комплекс поддржани од повеќе организации и компании, испратија отворено писмо по повод уривањето на Скопскиот саем, бисер на македонската модерна кое требаше да започне започне есента таа година. Во писмото насловено „И Саем е Скопје“ пратено од група граѓани до тогашниот премиер Зоран Заев, градоначалниците на Скопје и на Општина Гази Баба Петре Шилегов и Борис Георгиевски, и до бизнисменот Арсим Папранику, тие потсетија дека Саемот е непобитен дел од историјата на македонската архитектура и македонското стопанство. Со исчезнувањето на Скопскиот саем, рекоа тие, ќе исчезне уште една трага на модерното Скопје, кое во чекор ги следеше светските архитектонски текови.
Во писмото е наведено дека Саемот е изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, на површина од 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина. Почетоците на функционирањето на Скопскиот саем се поврзани со многу значаен настан за историјата и културата на Скопје, а тоа е одржувањето на Светската шаховска олимпијата, манифестација од највисоко светско ниво, прва (а и последна) од тој вид организирана во градот. Граѓаните потсетуваа дека Скопски саем беше дом на исклучителни фестивали, концерти на Боб Дилан, на „Крафтверк“, „Молоко“, на Симон Трпчески, Тоше Проески, средиште на бројни манифестации: Саемот за мебел, Саем на книгата, Инфоком, Балканска туристичка берза, Саем на градежништво, Модна недела, Вински фестивал. Но, апелите од граѓаните беа залудни и Скопски саем беше срушен.