Тошковски: „Сејф Сити“ ќе испраќа и фотографии, процент на толеранција на брзината ќе има

Во тест фазата на проектот „Безбеден град“ намерно не се применува толеранција за прекршоци, за да се потврди техничката прецизност и стабилноста на системот, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за Прес 24. Според него, анализата на тест периодот се користи за да се обезбеди функционален и сигурен систем, а во редовната примена ќе се воведат толеранции во согласност со европските стандарди.

– Толеранцијата ќе биде регулирана при почетокот на редовната примена. Целта на проектот не е да се казнуваат минимални прекршоци, туку опасни однесувања кои водат до тешки несреќи и загубени животи, рече Тошковски.

Се вчитува...

Министерот нагласи дека камери не се поставени како „скриени замки“, туку имаат превентивен ефект: кога возачите знаат дека се врши контрола, се намалува брзината и се зголемува вниманието, со што се избегнуваат трагедии.

Системот „Безбеден град“ ги детектира четири основни прекршоци:

Возење со надмината брзина

Поминување на црвено светло

Непрописно паркирање

Возење со истечена сообраќајна дозвола

Во наредните фази ќе се разгледа проширување на типот на прекршоци, вклучително и од страна на пешаци, велосипедисти и возачи на тротинети.

– Целта на системот е да создадеме побезбедна средина за сите – пешаци, велосипедисти и возачи на моторни возила, посочи Тошковски.

Министерот потенцира дека системот е целосно автоматизиран и независен од човечки фактор. Во тест фазата се следат и коригираат евентуални недоследности, а во редовната примена обезбедена е комбинација од технологија, јасна правна рамка и транспарентна постапка.

Граѓаните ќе добиваат известување за прекршокот со опис, фотографија од регистарската табличка и замаглен лик на возачот. Во судска постапка, МВР ќе обезбеди целосен доказен материјал, вклучувајќи и фотографии без замаглен лик.

– Најевтината и најлесната опција е да се вози по правила, а најскапата е човечкиот живот. Ако системот помогне да се спаси барем еден живот повеќе, тоа е најголемиот придонес кон јавниот интерес, безбедноста и семејствата, истакна Тошковски.

Принципот е јасен: одговорност сноси лицето што управувало возилото, а институциите и правните лица мора да достават доказ кој го управувал. Ако доказот не се достави, одговорноста е кај одговорното лице.

Системот е дизајниран за стабилно функционирање и постепено проширување на територијата, при што се обезбедува техничка прецизност, правна одржливост и фер постапка за сите граѓани.

Тест периодот покажува смирување на сообраќајната динамика, што ја потврдува превентивната цел на проектот. Сите евентуални технички недоследности, како препознавање на таблички или контакт-податоци, се веднаш коригираат.

– Системот не е создаден за репресија, туку за превенција. Секое опасно однесување се евидентира, а граѓаните имаат право на приговор и судска заштита, заклучи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.