Министерството за внатрешни работи веќе располага со првични информации и обезбедени докази за сторителите на синоќешното убиство на 26-годишно момче во скопската населба Чаир. Ова во гостувањето на телевизија Канал 5 го потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој откри дека еден од осомничените учесници во инцидентот е лице кое моментално се наоѓа на издржување казна затвор.
Крвавиот инцидент се случи синоќа околу 23:30 часот на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“.
Според полицискиот билтен, две лица на мотоцикл отвориле оган кон група од петмина млади кои стоеле пред излог од фирма. Од испуканите куршуми, со смртоносни повреди се здобил 26-годишниот А.М., кој им подлегнал на повредите по транспортот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Според првичните сознанија, не станува збор за пресметка меѓу организирани криминални групи за превласт на теренот, туку за други причини кои дополнително се утврдуваат.
Тошковски алармираше за влијанието и слабостите во пенитенцијарниот систем, нагласувајќи дека МВР и Јавното обвинителство детално ќе испитуваат како лице кое е на издржување затворска казна се затекнало како учесник во кривично-правниот настан.
Министерот ги отфрли споредбите на социјалните мрежи со „Дивиот Запад“, истакнувајќи дека насилните кривични дела и дејствувањето на криминалните групи се драстично намалени во споредба со минатото, но призна дека ваквите инциденти сè уште предизвикуваат оправдана загриженост.
Тошковски порача дека никој не е недопирлив и вети брза и ефикасна истрага за изведување на виновниците пред лицето на правдата.
Истрагата на МВР и Обвинителството продолжува интензивно до целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на сите вмешани лица.