Лавови од светски познатиот резерват Нгоронго во Танзанија убиле три деца кои во паркот барале изгубена стока.
Имено, децата, на возраст од 9 до 11 години, се вратиле дома од училиште, а потоа отишле во шумата во близина на резерватот во потрага по изгубените животни, вели шефот на полицијата Џастин Масејо за Франс прес.
Резерватот на северот на Танзанија се наоѓа на листата светско наследство и дом е на бројни диви животни вкучувајќи лавови, гепарди и леопарди.
„Ги повикувам заедниците кои живеат околу резерватот, да бидат претпазливи во близина на диви животни, поготово кога праќаат мали деца да се грижат за стоката. На тој начин ќе бидат заштитени нивните деца и нивните семејства“, вели Масејо.
Танзанија им дозволува на заедниците како Масаи да пасат добиток во близина на дивиот свет и да живеат во национални паркови. Проблемот е што тие често доаѓаат во судир со животни како што се лавови и слонови, кои често напаѓаат луѓе, стока и уништуваат посеви.
Минатата година, Танзанија премести 36 лавови од националниот парк Серенгети по напади врз луѓе и добиток во околните заедници.