Вчера напладне се случи тешка сообраќајна несреќа на регионалниот пат Демир Хисар – Кичево, при што едно лице го загуби животот, а друго е повредено, информираат од МВР.
Несреќата се случила околу 12:20 часот, на местото викано „Крбла“, во атарот на село Сопотница, демирхисарско. Патничко возило „фиат“ со демирхисарски регистарски ознаки, управувано од Љ.Б. (52) од село Жван, излетало од коловозот од засега непознати причини.
Како што соопштија од полицијата, на местото на настанот починал возачот, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Сопатникот Д.Г. (59) од истото село се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната помош бил пренесен во Клиничката болница во Битола.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Демир Хисар, која работи на утврдување на причините за несреќата.
Според информациите, починатиот возач бил вработен како оперативен работник во Регионалниот центар за управување со кризи во Битола.
