Македонија

Трагедија во скопско: Трактор оставен во брзина прегази и усмрти 73-годишен старец во Грушино

Трагедија во скопско: Трактор оставен во брзина прегази и усмрти 73-годишен старец во Грушино

Седумдесет и тригодишен жител на скопското село Грушино го загуби животот во тешка несреќа при невнимателно стартување на трактор, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Трагичниот настан во СВР Скопје бил пријавен синоќа, околу 19 часот, од страна на приватна здравствена установа во соседното село Арачиново, каде што И.Ш. (73) бил донесен без знаци на живот.

Според сведочењето на неговиот брат, несреќата се случила во моментот кога постариот маж се обидел да го запали тракторот, на кој била прикачена механичка собирачка за сено. Бидејќи возилото претходно било оставено во брзина, со самото стартување почнало неконтролирано да се движи, при што несреќниот човек бил зафатен од тешката приклучна машина.

Семејството веднаш се упатило кон најблиската амбуланта за да му се укаже итна медицинска помош, но тој им подлегнал на тешките повреди уште во текот на транспортот. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот им е предадено на најблиските за погреб.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни