Американскиот претседател Доналд Трамп моментално е гостин во шоуто „Фокс и пријатели“ на Фокс њуз. Претседателот беше прашан дали има некакви вести за осомничениот за убиството на Чарли Кирк.
Трамп одговори: „Мислам дека го имаме во притвор со висок степен на сигурност. Работите можат да се променат, но фактите се факти – го имаме тој кого го бараме“, рече Трамп.
Осомничениот за убиството на Чарли Кирк има 28 или 29 години, рече Трамп.
Тој не сакаше да открие за кого станува збор, но потврди дека ќе има нови информации во текот на денот. Додаде дека слушнал како осомничениот бил уапсен „пет минути пред да влезам во студиото“ и дека „некој многу близок“ до осомничениот им пријавил информации за него на властите.
„Се надевам дека ќе добие смртна казна“
Ги пофали локалните власти, велејќи дека „одлично си ја завршиле работата, сите соработувале“. „Сè испадна добро“, рече тој. Додаде дека се надева дека убиецот на Кирк ќе добие смртна казна. „Кирк беше најдобрата личност и не го заслужуваше ова“, рече тој.
„Тој беше брилијантен човек кој ми помогна со TikTok“, рече Трамп, додавајќи дека републиканците вообичаено никогаш не ги добиваат гласовите на младите гласачи. „Никогаш не сум видел млади луѓе да се собираат околу една личност како што правеа околу Чарли“, додаде тој.
Трамп рече дека не сака да го гледа видеото од пукањето, додавајќи дека не сака да се сеќава на Кирк на тој начин. Рече дека слушнал дека видеото било „ужасно“.
Подоцна во интервјуто, Трамп додаде дека гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, сигнализирал дека ќе бара најстрога казна за напаѓачот на Кирк. „Во Јута, тие имаат смртна казна, а таму имате многу добар гувернер“, рече Трамп. „Се сретнав со него, гувернерот е многу непоколеблив во врска со смртната казна во овој случај.“
Извори потврдија: Осомничениот е уапсен
Едно лице е уапсено и е испрашувано во врска со фаталното пукање врз конзервативниот активист Чарли Кирк, изјавија за CNN четири извори запознаени со случајот. Лицето сè уште било испрашувано денеска наутро, велат изворите.
Порано денес, Одделот за јавна безбедност на американската држава Јута објави видео од осомничениот за убиството на најпознатиот американски десничарски активист, Чарли Кирк. Видеото го прикажува човекот како трча по покривот на училишната зграда, а потоа влегува во блиската шума, каде што подоцна е пронајдена пушката што е употребена за убиство на Кирк.
Да ве потсетиме дека конзервативниот инфлуенсер и близок сојузник на Трамп беше застрелан во вратот во среда додека се обраќаше пред публиката на Универзитетот во Јута. Тој беше однесен во болница, но почина набргу потоа.