Американскиот претседател Доналд Трамп предложи воведување нови царини за 14 трговски партнери на САД, меѓу кои Кина и Европската Унија, продолжувајќи ја својата протекционистичка економска политика и покрај поразот на Републиканската партија на среднорочните избори.
Со новите мерки, американската администрација има цел да се справи со, како што го нарекува, структурниот вишок на индустриски производствени капацитети.
Највисока царинска стапка од 20 проценти е предложена за Кина, која Вашингтон ја обвинува за преплавување на светските пазари со евтини производи, меѓу кои челик, електрични возила и соларна опрема. За одредени производи од Европската Унија се предвидува зголемување на царините на 15 проценти.
Со предлогот се опфатени и Бангладеш, Камбоџа, Индија, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Сингапур, Швајцарија, Тајван, Тајланд и Виетнам.
Трамп, од преземањето на претседателската функција во јануари 2025 година, воведе низа царински мерки со образложение дека тие ќе го зајакнат домашното производство и ќе ги заштитат американските работни места. Сепак, голем дел од претходно воведените царини беа поништени од Врховниот суд.
Новиот предлог ќе биде предмет на јавни расправи пред да биде донесена конечна одлука. Според американски функционер, малку е веројатно новите царини да стапат во сила пред јануари 2027 година.