Српскиот претседател Александар Вучиќ ја критикуваше програмата на Студентската листа, во која се предвидува можност за воведување четиридневна работна недела, оценувајќи дека ветувањата за помалку работа и подобар живот се нереални и можат да имаат негативни последици врз економијата.
Вучиќ, кој е носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, изјави дека Студентската листа на граѓаните им ветувала пократка работна недела, повеќе слободно време и подобар живот, додека неговите ветувања, како што рече, биле поврзани со подобар живот преку напорна работа.
Осврнувајќи се на предлогот за четиридневна работна недела, тој рече дека станува збор за намалување на работното време од 40 на 28 часа неделно, односно седум часа дневно во текот на четири дена, со задржување на работничките права.
„Тие ветуваа малку работа, многу подобар живот, скратување на работната недела на четири работни дена, по седум работни часа дневно, вкупно 28 часа неделно, со сите можни права, а речиси без обврски и одговорности. Јас не го правев тоа. Ветував подобар живот, но преку тешка и напорна работа. Ветував 40 часа тешка и напорна работа“, рече Вучиќ во видеообјава на Инстаграм.
Тој оцени дека на граѓаните веројатно им е полесно да прифатат ветување за 28 работни часа неделно наместо 40, со можност за подобар живот и помалку работа.
Вучиќ изрази надеж дека претставниците на Студентската листа ќе ги преиспитаат своите ветувања и ќе им се извинат на граѓаните за, како што рече, изнесените невистини. Предупреди дека ваквите мерки би можеле да доведат до нарушување на индустријата, намалување на бројот на работни места и зголемување на невработеноста.
Тој призна дека со своите изјави можеби ѝ нанел штета на листата „Обединета Србија“, но истакна дека смета оти ја кажал вистината. Според него, граѓаните наскоро ќе видат дали Студентската листа говорела искрено или ги довела во заблуда.
Вучиќ рече дека верува во реалноста, работата и одговорноста, а не во неработењето, додавајќи дека на крајот ќе победат сериозноста и одговорниот пристап.
Во програмата на Студентската листа, објавена на нејзината интернет-страница, во делот посветен на работата и социјалните прашања, се наведува дека на работодавачите кои ќе се одлучат за тоа ќе им биде овозможено да воведат четиридневна работна недела со полно работно време од 32 часа, при што платите на вработените ќе останат непроменети.