Македонија

Треновски: Најголемиот данок за една компанија е конкурентот кој не плаќа даноци

Треновски: Најголемиот данок за една компанија е конкурентот кој не плаќа даноци

Сивата економија претставува еден од најголемите проблеми за македонското стопанство, а нејзините последици ги чувствуваат државата, граѓаните и компаниите што редовно ги исполнуваат своите законски обврски.

Ова го истакна универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

„Најголемиот данок и трошок за една компанија е конкурент кој не плаќа данок. Од тоа поголема давачка за компанија што ги плаќа сите даноци нема“, истакна Треновски.

Според него, неформалната економија создава нелојална конкуренција, бидејќи компаниите што избегнуваат даноци и придонеси можат да нудат пониски цени и да го нарушуваат пазарот.

Дополнително, државата губи значителни приходи, додека неформално вработените граѓани често остануваат без соодветна социјална и здравствена заштита.

Професорот посочи дека според различни проценки, сивата економија во Македонија се движи меѓу 23 и 27 проценти, додека други проценки ја поставуваат близу една третина од економската активност.

„Замислете, една третина од економијата. Зборуваме за огромна сума средства“, рече Треновски, нагласувајќи го потенцијалот за зголемување на јавните приходи преку намалување на неформалната економија.

Како едно од најважните решенија ја посочи дигитализацијата.

„Дигитализацијата е една од најглавните форми. Во дел од земјите немаат класични фискални каси, туку користат програми преку телефон што функционираат како фискална каса“, објасни професорот.

Сепак, Треновски предупреди дека борбата против сивата економија не треба да се сведе само на инспекциски контроли и казни.

Според него, потребно е постепено вклучување на неформалните работници и компании во легалниот економски систем, преку поедноставени процедури и соодветни олеснувања.

„Не мора веднаш да се оди со најдраконски мерки и да се затвораат бизниси, затоа што тоа може да предизвика уште поголемо повлекување на дел од компаниите во неформалната економија“, предупреди Треновски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни