Македонија

Треновски: Пред да увезуваме странски работници, мора да го искористиме домашниот потенцијал

Треновски: Пред да увезуваме странски работници, мора да го искористиме домашниот потенцијал

Македонија мора прво да ги искористи расположливите домашни човечки ресурси пред да се потпре на увоз на работна сила од странство. Ова го порача универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, анализирајќи го недостигот од работници во одредени сектори.

Според него, македонскиот пазар на труд се соочува со сериозен парадокс – истовремено постојат невработени граѓани и компании што не можат да најдат соодветни работници.

„Нашиот пазар на труд е многу специфичен. Ова не е поврзано само со бројот на лица што ги имаме, туку со усогласеноста на вештините што ги поседуваат тие лица“, истакна Треновски.

Професорот посочи дека недостигот од кадар е изразен во повеќе дејности, меѓу кои земјоделството, услужниот сектор, транспортот и одредени технички професии.

Сепак, тој смета дека државата располага со значителен неискористен потенцијал, вклучувајќи долгорочно невработени лица, економски неактивни граѓани и неформално вработени.

„Пред да решиме да донесеме работници од странство, мораме да ги исцрпиме сите фондови што ги имаме тука. Сè уште имаме огромна неактивна работна сила“, нагласи професорот.

Треновски особено ја истакна потребата од поголемо вклучување на жените на пазарот на труд, како и од преквалификација на граѓаните што со години не можат да најдат вработување.

„Мораме да го искористиме целиот домашен потенцијал пред да решиме да донесеме работна сила од страна, иако тоа се процеси што се случуваат во целата Европска Унија и можеби понатаму нема да можеме да се изолираме“, рече тој.

Според професорот, особено важно е образовниот систем да се приспособи на реалните потреби на стопанството.

Тој предложи посистематска професионална ориентација на учениците, подобро стручно образование и програми за доживотно учење.

Треновски заклучи дека Македонија може да покрие значителен дел од потребите за работници преку подобро искористување на сопствените човечки ресурси.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни