Уште една група македонски државјани успешно се врати во регионот по организирана евакуација од Блискиот Исток. Синоќа на Меѓународниот аеродром во Приштина пристигна третата група патници кои претходно биле извлечени од повеќе земји во регионот.
Како што информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во авионот се превезувале вкупно 151 патник, од кои 109 се македонски државјани, а останатите се граѓани на други држави.
Евакуираните претходно биле организирано транспортирани од Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин до Ријад, од каде со специјален лет го напуштиле регионот.
„Евакуацијата беше реализирана врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции. Министерството и понатаму останува на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во погодените региони“, изјави Муцунски.
Пред два дена беше реализирана уште една евакуација со лет од Дубаи, при што беа превезени 150 патници, од кои 125 македонски државјани. Во истиот лет имало и државјани од Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Германија, Ерменија и Црна Гора.
Претходно, со лет на авиокомпанијата „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати беа евакуирани 151 патник, најголемиот дел македонски државјани, како и неколку лица од други земји.
Во првата евакуација по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, со владиниот авион беа извлечени шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик во Египет.
