Македонија

Три лица приведени, над 3.100 граѓани побарале лекарска помош – истрагата за водата во Гостивар се интензивира

Три лица приведени, над 3.100 граѓани побарале лекарска помош – истрагата за водата во Гостивар се интензивира

Здравствената криза предизвикана од загадената вода во Гостивар влегува во нова фаза. Додека бројот на граѓани кои побарале медицинска помош достигна околу 3.100, полицијата приведе три лица поврзани со работењето на градскиот водовод, а резултатите од анализите на водата се веќе доставени до Јавното обвинителство.

Во акцијата на полицијата се приведени вршителката на должност директор на ЈП „Комуналец“ Гостивар, Артана Асани, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши. Од МВР соопштија дека приведувањата се реализирани во координација со Основното јавно обвинителство, а истрагата продолжува со прибирање дополнителни докази.

Иако лабораториските анализи на примероците земени од четири локации во водоводната мрежа се завршени, нивната содржина засега не се објавува. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека резултатите ќе бидат презентирани дури откако Јавното обвинителство ќе даде согласност, за да не се попречува предистражната постапка.

Од Обвинителството информираат дека сите досега прибрани докази, како и оние што дополнително ќе пристигнат, се анализираат со цел да се утврди дали е сторено кривично дело, како и евентуалната одговорност на инволвираните лица. Оттаму посочуваат дека постапката сè уште е во фаза на предистрага.

Во меѓувреме остануваат во сила сите препораки и забрани за користење на водата од градскиот водовод. Надлежните повторуваат дека водата не смее да се користи ниту за пиење, ниту за подготовка на храна, хигиена или други технички потреби, сè до добивање нови насоки.

Според Клековски, досегашните сознанија упатуваат дека најверојатен извор на проблемот е водата, бидејќи заболени има од различни возрасни групи – од едногодишни деца до лица на 80-годишна возраст – а симптомите се појавувале во различни периоди, што ја прави храната малку веројатна причина.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, информираше дека примероците биле земени веднаш по барањето на Обвинителството и дека сите анализи се завршени. Таа нагласи дека нивното објавување ќе зависи исклучиво од одлуката на обвинителството.

Во болниците моментално се хоспитализирани четири лица – тројца возрасни и едно дете. Кај пациентите најчесто се регистрирани стомачни тегоби и дехидрација, а поретко покачена температура и треска. Министерството за здравство наведува дека нема промени во нивната здравствена состојба и дека сите се под постојан медицински надзор.

Во меѓувреме, Општина Гостивар го активираше Кризниот штаб, кој ќе ги координира активностите за поддршка на населението. Најавено е отворање телефонска линија преку која граѓаните што не можат сами да обезбедат вода за пиење ќе можат да побараат достава до своите домови.

Градоначалникот Ваљбон Лимани потврди дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководниот кадар задолжен за водоводот се суспендирани до завршување на истрагата. Тој порача дека по добивањето на резултатите од анализите ќе започнат активности за прочистување и дезинфекција на водоводната мрежа.

Надлежните институции апелираат граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и да не ја користат водата од градскиот водовод сè додека официјално не биде потврдено дека е безбедна за употреба.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни