Бројот на загинати во разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија надмина 44.000, а се уште не се знае колку луѓе се водат за исчезнати. Спасувачките служби сè помалку можат да извлечат живи од урнатините, но рано утринава, 260 часа по земјотресот, едно момче и двајца мажи беа спасени во провинцијата Хатај.
Милиони бездомници сè уште спијат под отворено небо. Шокот, неверувањето и тагата се повеќе се заменуваат со гнев поради корумпираниот градежен сектор и несоодветниот урбан развој, но и поради неорганизираната операција за спасување на преживеаните и закопување на жртвите и бавната санација на уништените градски квартови.
„Целосно изгубив секаква надеж. Ова е вистинско чудо“
Хуманитарните агенции уште повеќе се вклучија во помагањето на милиони луѓе кои останаа без покрив над главата. Осман Халебије (14) е извлечен вечерва од урнатините во градот Антакија во југоисточна Турција, дури 260 часа по силниот земјотрес што во ноќта на 6 февруари ги погоди Турција и Сирија, објави државната новинска агенција Анадолу. Тој бил пренесен во болница.
Во истиот град од урнатините е извлечен Мустафа Авчи (34), 261 час по земјотресот. Додека спасувачите го носеле на носилки, му овозможиле видео врска со родителите кои му го покажале новороденото бебе.
„Целосно изгубив секаква надеж. Ова е вистинско чудо. Ми го вратија синот. Ги видов урнатините и мислев дека никој не може да се спаси од таму. Се подготвивме за најлошото“, рекол неговиот татко Али Авчи, пренесува ХРТ.
Но, ваквите спасувања за жал стануваат се поретки. Бројот на загинати во разорниот земјотрес во Турција се искачи на 38.044, соопштија официјални лица. Во соседна Сирија, која претходно беше уништена од дванаесетгодишната граѓанска војна, досега во земјотресот животот го загубија повеќе од 5.800 луѓе.
Нема информации за исчезнати
Ниту Турција, ниту Сирија не објавија колку луѓе се уште се водат за исчезнати по земјотресот. Кај семејствата чии членови или роднини се уште не се пронајдени, гневот расте поради, како што посочуваат, коруптивните градежни практики и целосно погрешниот урбан развој, што резултираше со уривање на илјадници домови и деловни простории.
Турција вети дека ќе ги истражи сите инвеститори и градежници осомничени дека се одговорни за уривањето на зградата и нареди притворање на повеќе од 100 осомничени, вклучително и градители.
Напорите за помош на населението во северозападна Сирија се отежнати поради конфликтот. Многу жители таму се чувствуваат изневерени и напуштени бидејќи хуманитарната помош речиси секогаш завршува во другите делови на земјата.
Испораките од Турција беа целосно прекинати веднаш по земјотресот, кога рутата што ја користеа Обединетите нации беше привремено блокирана. Оваа недела Асад одобри употреба на два дополнителни премини.
Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања изјави дека од четвртокот 119 камиони на ОН поминале низ премините Баб ал Хава и Баб ал Салам по земјотресот.
Сепак, многу преживеани избегаа од регионот погоден од земјотресот, а оние што останаа велат дека повеќе не живеат како нормални луѓе, спијат на отворено и се плашат.