Три пожари на отворен простор и натаму се активни во земјава, додека четири се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во утринскиот извештај за состојбата со пожарите.
Според информациите, во периодот од 25 до 26 август, до 07:30 часот, регистрирани се вкупно 31 пожар на отворен простор. Од нив, 24 се целосно изгаснати.
Активни се пожарите на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково, каде огнот зафаќа мешана шума на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер и кракот кон Палиград, како и над селото Вражале.
Пожар е активен и на територијата на општините Гостивар и Македонски Брод, од селото Трново кон селата Битово и Заград. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација и папрат.
Третиот активен пожар е регистриран во Општина Чашка, над селото Нежилово, во месноста Сватови, каде што гори смрека.
Под контрола се пожарите во Кичево, во селото Тајмиште, месноста Дарда, каде е зафатена високостеблеста букова шума; помеѓу резерватот „Јасен“ и селото Брезница во Македонски Брод, каде гори ниска вегетација и борова шума; на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци и на депонијата во Делчево.
Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати вкупно 24 пожари на отворен простор. Тие биле регистрирани во повеќе општини низ земјава, а најчесто гореле ниска вегетација, стрништа, отпад и депонии, но и шумски површини.
Изгаснати пожари имало во Сарај, Гази Баба, Чучер-Сандево, Арачиново, Петровец, Илинден, Прилеп, Струмица, Кичево, Струга, Градско, Чашка, Виница, Делчево, Пробиштип, Куманово, Теарце и Гостивар.
Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни и да не преземаат активности со кои би можело да се предизвикаат нови пожари на отворен простор.