Австриско-германскиот автомобилски магнат Волфганг Порше, по сè изгледа, се откажа од плановите за изградба на приватен тунел долг 500 метри низ ридот во Салцбург и одлучи да ја продаде историската вила поради која настана целиот спор. Оваа одлука следува по жестоките реакции и незадоволството во јавноста поради контроверзниот проект кој граѓаните го нарекоа „тунел за еден човек“, пишува The Guardian.
Луксузна визија вредна милиони
Порше во 2020 година ја купил историската вила од 17 век, лоцирана на работ на Салцбург, за 8,4 милиони евра. Минатата есен тој успеа да добие дозвола од градските власти за изградба на приватен пристапен пат во вредност од 10 милиони евра, кој требало да поминува низ карпестиот варовнички рид Капузинерберг.
Визијата на 83-годишниот милијардер била тунелот да води директно од јавниот паркинг во центарот на градот до подземната гаража на вилата, каде што планирал да паркира осум свои автомобили.
Јавен гнев и историското наследство на Стефан Цвајг
Предлогот предизвика неверување и бес кај локалното население, не само поради мегаломанијата на проектот, туку и поради историското значење на имотот. Во таа вила, локално позната како Paschinger Schlössl, некогаш живеел славниот еврејски писател Стефан Цвајг, сè додека во 1934 година австрофашистичкиот режим не го протерал од градот.
Цвајг, чии мемоари беа инспирација за филмот „Гранд Будимпешта Хотел“ на Вес Андерсон, во своите записи ја опишал куќата како „романтична и непрактична“, потенцирајќи дека нејзиниот најголем шарм е токму тоа што е „непристапна за автомобили“ и дека до неа се стигнува само по угорница со повеќе од сто скали.
Големиот притисок од јавноста, која протестираше со пароли како „Град за сите, а не тунел за еден“ во време кога градот се соочува со недостиг на станови и високи кирии, очигледно го принуди Порше да направи драматичен пресврт и да го стави на продажба имотот со 12 соби.
Дозволата за тунелот сега е главен адут за продажба
Иако противниците на тунелот слават победа, локалните „Зелени“ бараат од градските власти итно да ја повлечат градежната дозвола. Тие тврдат дека самата дозвола за тунелот вештачки ја кренала вредноста на имотот.
„Недозволиво е јавно земјиште да се користи за недвижнички шпекулации. Ова е прашање на еднакви права за сите. Не може дозвола за приватен тунел да добиваат само оние кои можат да си го дозволат тоа“, изјави Ингеборг Халер од партијата на Зелените.
Истовремено, градоначалникот на Салцбург, Бернхард Ауингер, изјави дека градот нема пари да ја купи вилата за да ја претвори во музеј посветен на Цвајг, што беше долгогодишна желба на дел од јавноста.
Имотот сега се продава за неверојатни 12,7 милиони евра, а агентите за недвижности ја истакнуваат градежната дозвола за тунелот како најголема предност. Во брошурата за потенцијалните купувачи се наведува дека овој „извонреден, одобрен проект за приватен тунел ја подигнува недвижноста во сопствена, неспоредлива категорија во Салцбург“. Новиот сопственик сепак ќе мора да побрза, бидејќи дозволата важи до крајот на 2028 година.
Управувачот со имотот на Порше ја потврди продажбата, но одби да ги коментира мотивите, нарекувајќи ја дебатата во јавноста „расправа поттикната од завист“. Од семејството Порше соопштија дека нема да даваат дополнителни изјави за медиумите.