Македонија

Туше Гошев: Јас сум таткото на правниот систем во независна Македонија, кога дојдов на функција немаше ниту еден подготвен предлог закон

Туше Гошев: Јас сум таткото на правниот систем во независна Македонија, кога дојдов на функција немаше ниту еден подготвен предлог закон

Првиот министер за правда во независна Македонија, Туше Гошев, во „Отвореното студио“ на 4ТВ зборуваше за создавањето на правниот систем по осамостојувањето на државата.

Гошев вели дека Уставот сам по себе не бил доволен за да започне целосното функционирање на новиот уставен поредок. Според него, било неопходно да се донесат низа закони со кои ќе се овозможи практична примена на уставните одредби и ќе се постават темелите на институционалното функционирање на државата.

Тој тврди дека кога го презел Министерството за правда, немало подготвен ниту еден предлог-закон врз кој можело да се работи.

„Од страна на ВМРО и министерот Георги Наумов немаше ниту една буква напишано, ниту еден предлог на закон да можеме да расправаме за него“, вели Гошев.

Тој нагласува дека, заедно со тимот во Министерството за правда, учествувал во изработката на најголемиот дел од законите со кои се конституирала државата.

„Јас сум таткото што го создаде и правниот систем во Република Македонија. Деведесет проценти од законите за конституирањето на државата се направени од мене“, изјави Гошев.

Како потврда за својата работа, тој ја посочи и наградата што, како што раскажува, му била доделена од Американската асоцијација на судии и адвокати за пишување закони и унапредување на правниот поредок во Македонија.

Гошев вели дека за наградата не бил однапред информиран, бидејќи поради обврските не можел да отпатува во Вашингтон. Наместо тоа, американскиот амбасадор дошол во неговата канцеларија и лично му ја врачил наградата.

Според Гошев, неговиот ангажман во првите години од независноста бил насочен кон создавање правна основа за функционирање на новата држава и нејзиниот уставен поредок.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни