Во црногорскиот град Цетиње е убиен 56-годишен маж, за кој полицијата соопшти дека бил припадник на организирана криминална група. Според црногорските медиуми, станува збор за Милош Ѓуричковиќ, кој се поврзува со озлогласениот Шкаљарски криминален клан.
Безживотното тело било пронајдено утрово во местото Бајице, во општина Цетиње, откако граѓанин пријавил во полиција дека забележал мртво лице.
Од Управата на полицијата соопштија дека првично не била пријавена употреба на огнено оружје, но по пристигнувањето на полициските службеници било утврдено дека мажот бил застрелан.
„Полициските службеници утврдија дека со употреба на огнено оружје е лишен од живот М.Ѓ. (56), припадник на организирана криминална група“, информираат од црногорската полиција.
Веднаш по откривањето на телото биле блокирани поширокото и потесното подрачје околу местото на убиството, како и повеќе патни правци, со цел да се пронајде сторителот.
Полицијата, во координација со надлежното Вишо државно обвинителство во Подгорица, презема интензивни активности за расветлување на убиството. Во акцијата се вклучени сите расположливи полициски капацитети.
Преживеал атентат во Белград во 2017 година
Убиениот Ѓуричковиќ и претходно бил познат во црногорската и регионалната јавност поради поврзаноста со криминалните пресметки меѓу организираните групи.
Во 2017 година тој бил тешко ранет во белградската населба Вождовац, кога непознат напаѓач пукал кон него и го погодил во вратот.
Тогаш српските медиуми пишуваа дека нападот најверојатно бил дел од продолжените судири меѓу црногорските криминални кланови.
Ѓуричковиќ го преживеал нападот, но, според неговите подоцнежни изјави, со години живеел во страв за сопствениот живот и безбедноста на семејството.
Во претходните години биле убиени и негови роднини
Семејството Ѓуричковиќ и претходно било погодено од насилни пресметки.
Во октомври 2015 година во Будва со снајпер бил убиен Горан Ѓуричковиќ, братучед на сега убиениот Милош.
Една година подоцна, во 2016 година, во Цетиње бил убиен и Радомир Ѓуричковиќ.
Според обвинението за убиството на Радомир, напаѓачите претходно го следеле неговото движење, а потоа со автомобил му го пресекле патот и пукале кон него.
Возилото што било користено при нападот подоцна било пронајдено запалено, заедно со автоматска пушка. За вмешаност во ова убиство биле обвинети три лица, кои во 2018 година биле уапсени на Косово и екстрадирани во Црна Гора.
Претходно бил обвинет за поврзаност со криминална група
Името на Милош Ѓуричковиќ и претходно се споменувало во истраги за организиран криминал во Црна Гора.
Тој бил меѓу обвинетите во предмет поврзан со криминална група која, според Специјалното државно обвинителство, била формирана за извршување тешки убиства, трговија со дрога и нелегално поседување оружје.
Во 2020 година Ѓуричковиќ јавно ги демантирал медиумските тврдења за неговата вмешаност во криминални активности, нагласувајќи дека никогаш не извршил убиство, ниту учествувал во подготовка или финансирање такво дело.
Тогаш изјавил дека по убиствата на неговите роднини и обидот за негово убиство во Белград, постојано стравувал дека повторно би можел да биде нападнат. Според неговите зборови, полицијата во Цетиње во еден период обезбедувала заштита за неговиот дом и семејството.
Денешното убиство повторно го актуализира прашањето за пресметките меѓу организираните криминални групи во Црна Гора.
Полицијата засега не соопштува детали за можниот мотив, ниту за идентитетот на напаѓачот. Истрагата продолжува, а надлежните најавуваат дополнителни информации по расветлувањето на случајот.