„Убијци“ со црвена боја испишаа на булеварот Илинден граѓаните кои попладнево дојдоа на протестот за скандалот со крадење терапија на Клиниката за онкологија.
И покрај дождливото време неколку стотина граѓани излегоа на улица за да го искажат својот револт за злоупотребите со терапијата за болните од рак. Тие свиреа, извикуваа и бараа одговорност од сите вмешани во овој скандал.
„Граѓаните плаќаат здравствено осигурување за да добијат соодветен лек и терапија. Ова е ужас, скандал. Да им се суди по закон на сите вмешани, а не и овој судски процес да заврши како што знаеме сите, без одговорност“, рече граѓанин кој беше дел од присутните на протестот.
Од Владата присутните ќе се упатат кон Министерството за здравство каде треба протестот да заврши.
