Угостителите го вклучија алармот, влегуваат во црвена фаза – реагираат дека со новите мерки дел од нив нема да ја издржат зимата

Новото работно време до 23 часот за угостителите значи казна . Претседателот на независната угостителска комора реагира дека државата во оваа кризна ситуација за едни е мајка а за други маќеа. Ние сме казнети да работиме до 23 часот вели претседателот на комората, додека другите економски оператори во државата функционираат нормално.

„Новото ограничување на работното време не само што ги преполовува приходите кои се остваруваат за време на Ковидот, туку истите ќе бидат намалени на неполни 20 проценти во однос на истите приходи што угостителите ги остваруваа во овој временски период минатата година“, рече Здравко Јосифовски, претседател на Независна угостителска комора.

За оние што ќе ги прекршат мерките, според најавите од државниот пазарен инспекторат ќе има парични казни а ќе следат и кривични пријави

-Затоа се носат построгите мерки со кои ќе можеме веднаш да ги затвораме објектите до 30 дена и да изрекувама парична казна на лице место со платни налози. И овие денови додека Собранието не ги донесе новите законски решенија по кои веднаш ќе пристапуваме кон празнење на угостителските објекти и кон нивно затворање, ние постапуваме согласно досегашната практика, односно поднесување кривична пријава по член 205 и 206 за нарушување на протоколите-рече Стојко Пауновски, директор на пазарен инспекторат.

Угостителите веќе влегуваат во црвена фаза со масовни задолжувања предупредува претседателот на Угостителите .

„Приходите што ги остваруваат не дозволуваат да ги покриваат трошоците кои во моментов се прават…..И доколку остане на ова ниво без соодветни мерки, кредити,субвенции најверојатно дел од угостителите нема да ја презимат зимата.“.

Тие бараат 250 милиони евра државна помош во последниот сет владини мерки. Она што ги плаши во иднина, како што вели Јосифовски е дека нема да добијат ни десетина милиони евра. Што ќе ни вредат мерките ако вработените бидат отпуштени,што ќе ни е грант ако фирмата не постои велат тие. Имаат замерка до Владата, бидејќи како што појаснуваат во ниеден момент не биле консултирани во носењето на мерките кои директно го засегаат угостителството. Според нив носење на мерка за ограничено работно време, без известување на субјектот и можност да му се даде време да се прилагоди на истата создава само хаос.

.

Извор: ТВ21