Свет

Украина соопшти дека користела балистички ракети со долг дострел

Украина соопшти дека користела балистички ракети со долг дострел

Украина соопшти дека користела тактички балистички ракети со долг дострел доставени од САД.

Киев истрела проектили врз руски воени авиони и магацини во окупираните украински територии. Цели беа погодени во градот Бердјанск, како и во областа Луганск.

Наводно биле користени касетни бомби. Веста за ракетите со долг дострел ја потврди и украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Благодарам на САД. Она што го договоривме со претседателот Бајден се исполни. Ракетите АТАКМС докажаа колку се прецизни“, рече Зеленски.

Одлуката на САД за снабдување на Украина со тактички ракети ATACMS (Army Tactical Missile Systems, ATACMS) е многу груба грешка и ќе има сериозни последици, изјави во меѓувреме рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов, цитиран од Ројтерс.

„Одлуката на Белата куќа да им испрати ракети со долг дострел на Украинците е крајно груба грешка. Последиците од овој чекор, кој намерно беше скриен од јавноста, ќе бидат од најсериозен карактер. Вашингтон методично одржува курс кон целосен прекин на билатералните односи“, рече дипломатот.

„Постојано ја предупредивме администрацијата да не презема избрзани чекори. Објаснивме дека пумпањето на режимот во Киев со оружје сериозно ја поткопува стратешката и регионалната безбедност. САД продолжуваат да ги туркаат работите кон директна конфронтација меѓу НАТО и Русија“, нагласи амбасадорот