Македонија

Уште 53 волонтери во мировниот корпус – Кејт Мари Брнс: Волонтерите градат долговечен мост меѓу луѓето

На свеченоста волонтерите од оваа 24-та по ред група, заклетвата ја положија пред американската амбасадорка Кејт Мари Брнс која рече дека ова е прекрасна можност за заедничка размена на искуства. Таа во своето обраќање особено им се заблагодари и на семејствата кои ги прифатија волонтерите во своите домови.

„Волонтерите не само што го претставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат и најдоброто што може Северна Македонија да го понуди на светот и на Соединетите Американски Држави градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето“, истакна Кејт Мари Брнс, Амбасадор на САД.

Директорот на Мировниот корпус во Северна Македонија Марк Ханафин обраќајќи им се на волонтерите им посака добра работа и порача дека тие во земјава ќе бидат и работници, но и амбасадори на својата земја.

„Кај граѓаните на Соединетите Американски Држави постои голем интерес да бидат волонтери во Македонија. Тоа се луѓе кои се талентирани, посветени, паметни и подготвени да започнат со работа, а резултатите од нивната работа се извонредни“, посочи Марк Ханафин, Директор на мировен корпус во РСМ.

Мировниот корпус е снован во 1961 година од поранешниот американски претседател Џон Кенеди. Волонтерите на овој корпус имаат три цели: да помогнат на земјите кои што имаат потреба од квалификувани лица што ќе обезбедуваат техничка помош, во промовирањето подобро разбирање на американскиот народ и да споделат информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат. Преку овие активности волонтерите работат на зајакнување на мирот и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни