Законодавно правната комисија по вчерашната седница ќе му предложи на Уставниот суд дека на членот 11 во Законот за помилување не постои и со тоа нема основ за поведување постапка за автентично толкување. Уставните судии вчера го одложија усвојувањето решение за поведување постапка со образложение дека ќе го почекаат исходот од автентичното толкување што беше во Собранието. Претседателката на Комисијата Соња Мираковска рече дека пред да го пратат мислењето до судиите заклучокот од Комисијата претходно ќе биде усвоен на собраниска седница.
„Очекуваме Уставен суд да ја почитува одлуката на законодавецот и да си ја сфати грешката ако имале друга намера тогаш дека во моментот тие не се во ситуација да укинат ништовна норма и дека членот 11 практично не постои“, изјави Соња Мираковска, Претседател на ЗПК.
И премиерот Заев вели дека одлуката на Комисијата дека не постои членот 11 треба да ја почитува и Уставен суд.
„Одлуката што ја носи самата Комисија дека нема потреба заради непостоење на членот е одлуката по која што треба и Уставниот суд да постапи. Тоа е дека уште тогаш не постои членот 11 на кој што се повикува тогашниот претседател Иванов за да ја изрече аболицијата. Тоа само уште еднаш потврдува дека не била дадена законски самата аболиција, секако после тоа и незаконски била поништена“, истакна Зоран Заев, Премиер.
Извештајот од Комисијата да не го толкува членот 11 од Законот за помилување значи дека одлуката на Уставен суд за помилувањето повеќе не е битна, велат од Министерството за правда.
„Пред Уставен суд е членот 11-а, а автентичното толкување е за членот 11. Ако Уставен го укине или поништи членот 11-а, тоа нема да има влијание на помилувањата бидејќи вчера Собранието потврди дека тие се невалидни, односно дадени на непостоечки член и се ништовни од моментот на давање“, велат од Министерството за правда.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Министерството за правда не може да ја преземаат улогата на уставните судии. Рече дека во 2016 година четворица од тогашните судии од кои едниот е и актуелниот претседател Сали Мурати дале мислење дека членот 11 постои, но даде предлог Уставниот суд да побара мислење од Венецијанската комисија.
„Немањето автентично толкување е доказ за апсурдноста на барањето на СДСМ такво толкување да се донесе. Но какво и да било автентичното толкување и да го имало и во случајов бидејќи го нема Собранието не е Уставен суд и не може да ги преземе ингеренциите на било кој суд во државната најмалку на уставниот“, посочи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставниот суд минатата недела донесе одлука да ја поведе постапка за разгледување на одлуката за уставноста на членот 11 –а што предизвика големи реакции во јавноста. На вчерашната седница тие одлучија да го почекаат мислењето на Собранието за членот 11 од Законот за помилување, па потоа да одлучат како ќе постапат натаму.