Македонија

Уставниот суд денеска расправа за системот „Безбеден град“ 

Уставниот суд денеска расправа за системот „Безбеден град“ 

Уставниот суд денеска треба да ја разгледа законитоста на одредби од Законот за прекршоците поврзани со системот „Безбеден град“. Седницата е закажана за 9:30 часот, а предметот е ставен на дневен ред на 7. седница на Судот како обединет по три иницијативи за оценка на уставноста и законитоста на одредби од законот.

На дневниот ред се оспоруваат член 28 став 8, член 29 став 4, членовите 48-а, 48-б, 48-в, 48-г и член 83 став 8, кои се однесуваат на автоматското евидентирање и процесирање на сообраќајни прекршоци, како и на начинот на достава и прифаќање или неприфаќање на одговорност за сторен прекршок.

Трите иницијативи доаѓаат од различни подносители: Зијадин Села, Илире Даути и Елми Азири; Или Пачуку; и Алијанса на Албанците преку Арбен Таравари. Претходно беше соопштено дека ќе се разгледуваат заедно, што сега е потврдено и во официјалниот дневен ред на Судот.

Клучните приговори се насочени кон повеќе точки: обврската граѓаните да имаат телефонски број и електронска адреса за да примаат известувања, употребата на јазиците во електронската комуникација, како и нерамномерната примена на системот само во Скопје, Тетово и Куманово, што според подносителите може да ја загрози еднаквоста на граѓаните. Во некои иницијативи се оспорува и нејасната и временски неограничена „пилот фаза“.

Денешната седница има поголемо значење од обичен сообраќаен проект, бидејќи ќе ја дефинира рамката за дигиталната контрола и санкционирање во државата. Од расправата ќе зависи дали Уставниот суд ќе поведе подлабока постапка за оценка на спорните одредби или ќе го остави системот да продолжи без уставно-судска пречка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни