Уставниот суд ги отфрли иницијативите со кои се оспоруваа законските измени за системот „Безбеден град“, оценувајќи дека тие не се во спротивност со највисокиот правен акт.
Судиите не ги прифатија барањата на двете крила на Алијансата за Албанците и на граѓански активисти за поништување на одредбите кои се однесуваат на начинот на доставување и евидентирање на сообраќајните прекршоци во Скопје, Куманово и Тетово.
Во образложението на Судот се наведува дека територијалната примена на системот и начинот на известување на граѓаните не претставуваат дискриминација, ниту пак се косат со употребата на јазиците, со оглед на тоа што Законот за прекршоци не ја исклучува примената на Законот за јазиците.
Воедно, беше нагласено дека приватноста и личните податоци на граѓаните се соодветно заштитени преку постоечката законска регулатива и добиените согласности од надлежните агенции.
Иако овие иницијативи се отфрлени, пред Уставниот суд останува за разгледување уште еден предмет поврзан со одредби од Кривичниот законик кои предвидуваат конфискација на возила преку истиот систем.
