Уставните измени, владеењето на правото и борбата против корупцијата повторно се најдоа во фокусот на собраниската расправа за извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Додека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предупредува дека европскиот пат на земјата не смее да се сведе само на уставните промени, евроамбасадорот Михалис Рокас потсетува дека тие остануваат услов за продолжување на пристапниот процес.
Сиљановска-Давкова порача дека добрососедските односи треба да придонесуваат за европската интеграција, наместо да се користат како механизам за блокирање на земјите кандидати.
„Секој што мисли дека услов се само уставните промени не е искрен. Добрососедските односи треба да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за блокади“, истакна претседателката, повикувајќи на заеднички напори од Македонија, соседите и европските партнери за надминување на застојот.
Евроамбасадорот Рокас, пак, посочи дека Македонија има високо ниво на подготвеност во одредени области и целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија. Тој го поздрави напредокот во реформската агенда, дигитализацијата и образованието, но предупреди дека остануваат сериозни предизвици во судството, јавната администрација и справувањето со корупцијата.
Рокас нагласи дека следната фаза од евроинтеграциите зависи од исполнувањето на претходно преземените обврски, меѓу кои се уставните измени и спроведувањето на реформите во јавната администрација и правосудството.
Различни позиции изнесоа и претставниците на власта и опозицијата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се повика на пораките од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за зачувување на македонскиот идентитет и јазик во процесот на европската интеграција, оценувајќи ги како потврда за досегашниот пристап.
Пратеникот Антонијо Милошоски, од друга страна, го отвори прашањето за политичките квалификации во дебатата за евроинтеграциите и посочи дека приемот на Црна Гора ќе биде важен тест за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ.
Според Милошоски, токму случајот со Црна Гора ќе покаже дали Унијата навистина ќе ги оценува земјите кандидати според постигнатите резултати или ќе дозволи билатералните спорови да создаваат дополнителни пречки.
Извештајот на Европската комисија, покрај признавањето на постигнатиот напредок, повторно укажува на потребата од конкретни резултати во реформите, особено во обезбедувањето независно судство, ефикасна јавна администрација и посилна борба против корупцијата.