В понеделник амнестијата пред пратениците, Чавков и Атанасовски нема да бидат помилувани за 27 април

Предлог законот за амнестија за дел од учесниците во насилниот упад на 27. април 2017 година, в понеделник ќе биде ставен на дневен ред за гласање во Собранието. Како што дознава ТВ21, најмалку 17 лица нема да бидат опфатени со овој закон, меѓу кои се екс директорот на БЈБ Митко Чавков и Владимир Атанасовски поранешен шеф на УБК, кого дел од сведоците на рочиштата за „крвавиот четврток“ го посочија како организатор на упадот и случувањата на 27 во законодавниот дом.

Во истрагата опфатени се околу 70 лица, кои се обвинети по разни основи, а 28 лица се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Се вчитува...

Меѓу нив е и обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви, кој беше и шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски. За разлика од информациите на припадниците на МВР – дека нема да бидат опфатени во Законот за амнестија, тој смета дека амнестијата треба да ги опфати сите учесници во „крвавиот четврток“.

Адвокатот на екс-директорот на БЈБ, Митко Чавков, вели дека сѐ додека не биде објавен законот, сите останати информации се само шпекулации.

Рочиште за „крвавиот четврток“ имаше и денеска. Сослушани сведоците предложени од обвинетиот Богдан Илиевски. Владиката Пимен, како сведок предложен од одбраната е познат како близок пријател и исповедник на обвинетиот. Тој вели дека Илиевски, не добил никаков материјален надомест за да учествува на протестите, туку дека бил дел од протестот бидејќи верувал во каузата.

На обвинителна клупа за 27 април седнаа Митко Чавков, како и пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Обвинети се и иницијаторите на движењето За заедничка Македонија – Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Дел од нив се во притвор, дел во куќен притвор, а некои се пуштени да се бранат од слобода со определени мерки на претпазливост.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21