Подготовката за последиците од климатските промени, заштитата на природата и усогласувањето со европските стандарди беа меѓу темите на седницата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија.
Европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, посочи дека климатските промени веќе се одразуваат врз земјоделството, инфраструктурата и секојдневното функционирање на општествата.
Тој се осврна на зачестените топлотни бранови, суши и пожари, посочувајќи дека екстремните временски услови се појавуваат и во делови од Европа каде што во минатото не биле вообичаени.
Според Вајц, паралелно со намалувањето на емисиите потребно е да се преземат мерки за прилагодување кон климатските промени кои веќе се случуваат. Високите температури, како што посочи, имаат последици врз здравјето, земјоделството, транспортот и инфраструктурата.
На седницата Вајц говореше и за можностите за развој на природниот туризам во Северна Македонија. Како потенцијал за привлекување туристи и поттикнување на локалниот економски развој ги посочи природните богатства и националните паркови.
Пратеничката Драгана Арсова, пак, се осврна на активностите поврзани со усогласувањето на македонското законодавство со европските стандарди во областа на животната средина.
Таа информираше дека во 2026 година мониторинг-мрежата за квалитетот на воздухот е проширена со нова мерна станица во Штип, со што вкупниот број автоматски мерни станици достигнал 23.
Во делот на управувањето со отпадот, заштитата на природата и климатската политика, Арсова посочи дека се преземаат повеќе активности. Во тек е подготовка на нов Закон за природа, а идентификувани се и 24 потенцијални подрачја за идната мрежа „Натура 2000“. Тие опфаќаат околу 12 проценти од територијата на Северна Македонија.
Во однос на климатската политика, таа информираше дека Владата го усвои Предлог-законот за климатска акција. Со него се предвидуваат механизми за следење и контрола на емисиите, како и создавање основа за долгорочно постигнување климатска неутралност.