Група македонски државјани кои беа евакуирани од Израел преку Египет вечерва се очекува да пристигнат во земјава. Според најавите, нивниот лет треба да слета на Меѓународен аеродром Скопје околу 20 часот.
Од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека на аеродромот евакуираните патници ќе ги пречека заменик-министерот Зоран Димитровски.
Во меѓувреме, институциите продолжуваат да собираат информации за македонски државјани кои се наоѓаат во други подрачја погодени од конфликтот на Блискиот Исток. Досега до амбасадата во Абу Даби се обратиле 505 лица, во Кувајт 31 лице, во Бахреин 14 лица, а во Доха 141 лице.
Од Министерството најавуваат дека во наредните денови се планира организирано враќање и на македонските државјани кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните од Катар, Бахреин и Кувајт. За нив е предвидено враќање со организирани летови преку Саудиска Арабија, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.
Од ресорното министерство апелираат до сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од помош, тоа да го сторат што е можно поскоро преку дежурните телефонски броеви на претставништвата или преку СОС-бројот на Министерството.
