Велика Британија ја надмина бројката од 10.000, додека пак Италија е на чекор до 20.000 починати од пандемијата

Велика Британија ја надмина бројката од 10.000 мртви од Ковид-19, откако во последните 24 часа во тамошните болници починале 737 пациенти.

„Иднината на вирусот е непозната бидејќи зависи од однесувањето на милиони луѓе. Затоа е важно да се следат препораките за социјално дистанцирање“, изјави британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

Во Британија досега има речиси 85.000 заразени и 10.612 починати од Ковид-19.

Од британската влада информираа дека премиерот Борис Џонсон денеска е пуштен од болница, каде што ги помина изминатите седум дена, од кои три на интензивна нега.

Италија пријави најмала дневна бројка починати од Ковид-19 од 19 март – 431, што исто така е речиси 200 помалку во однос на вчера. Таа сега е на прагот на вкупно 20.000 починати, што само САД го имаат надминато. Во земјата има и 4.092 новозаразени, а вкупно 156.363 досега.

Во Шпанија има 4.167 новозаразени и 619 починати во еден ден, што е 109 повеќе во споредба со вчера. Вкупната бројка починати во Шпанија изнесува 16.972, а излекувани се 37% од сите досега регистрирани пациенти.

Извор: Сител телевизија

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното