Македонија

Вештак во случајот „Онкологија“: Пациенти лекувани со застарени методи, животниот век им бил скратуван!

Вештак во случајот „Онкологија“: Пациенти лекувани со застарени методи, животниот век им бил скратуван!

Со сериозни обвинувања за неправилно лекување и отстапување од современите медицински стандарди продолжи судскиот процес за случајот „Онкологија“ во Кривичниот суд во Скопје, каде денеска сведочеше српскиот вештак Давор Радославевиќ.

Неговото сведочење, дадено во рамки на вкрстеното испрашување од одбраната на првообвинетиот Нино Васев, отвори низа прашања за начинот на третман на пациентите на Клиниката за онкологија, посочувајќи на системски пропусти со сериозни последици.

Радославевиќ децидно изјави дека во повеќе случаи пациентите биле третирани несоодветно, при што не се почитувал редоследот на терапиите. Според него, ваквиот пристап директно влијаел врз исходот од лекувањето, односно довел до скратување на животниот век кај дел од пациентите.

Дополнително, вештакот потенцираше дека на клиниката се применувале методи кои современата медицина одамна ги има напуштено. Тој нагласи дека станува збор за практики кои се надминати пред повеќе од една деценија, што, според него, е недозволиво за установа која треба да биде водечка во третманот на онколошки пациенти.

„Зборуваме за клиничка пракса која е надмината пред 15 години. Примената на хемотерапија без позната мутација денеска е логистички проблем, а не биолошка категорија. На водечката клиника во Македонија морало да се обезбедат елементарни наоди пред да се лекуваат метастатски пациенти“, истакна Радославевиќ во судницата.

Тој укажа и на недостиг од соодветни молекуларни анализи, кои, како што рече, се стандард во европските здравствени системи и претставуваат основа за правилен избор на терапија.

Судењето за случајот „Онкологија“ продолжува и во наредниот период, а се очекува да бидат сослушани и други сведоци и вештаци, со цел целосно расветлување на наводите за неправилности во лекувањето на пациентите.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни