На денешното рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вкрстеното испрашување на вештакот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје, отвори нова дилема околу одговорноста за пренамената на објектот од производствен погон во дискотека.
Адвокатката на сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, преку прашањата до Марковски се обиде да ја поткрепи тезата дека објектот во 2012 година, кога бил даден под закуп на Дејан Јованов, бил законски исправен и безбеден.
Марковски потврди дека производствениот погон за лесна индустрија во тој период бил безбеден од аспект на носивоста и противпожарната заштита.
Адвокатката потоа го праша дали може да се заклучи дека објектот во 2012 година бил во состојба која не претставувала опасност од пожар и дека не бил причина за трагедијата што се случи на 16 март 2025 година, кога загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Вештакот одговори потврдно.
Во продолжение, адвокатката праша дали сопственикот на објектот бил консултиран од закупецот во врска со реновирањето и промените што биле направени при пренамената на производствениот погон во дискотека, вклучително и употребата на материјали кои можеле да претставуваат опасност.
„Не бил прашан“, одговори Марковски.
Овие прашања предизвикаа реакција кај адвокатот на првообвинетиот Дејан Јованов.
Вештакот: Барањето за пренамена го поднесува сопственикот
Во продолжение на вкрстеното испрашување, сепак, уследи одговор кој може да биде значаен за одбраната на сопственикот на објектот.
На прашање поврзано со законската процедура за пренамена на објектот, Марковски посочи дека согласно Законот за градење, барањето за пренамена на објект го поднесува сопственикот.
Тоа, во конкретниот случај, е Милковски.
Вештакот истакна и дека меѓусебните усни или писмени договори меѓу закуподавачот и закупецот не можат да ги заменат законските обврски предвидени со Законот за градење.
Вкрстеното испрашување на Марковски продолжува, а неговиот исказ е меѓу оние на кои обвинителството и одбраната посветуваат особено внимание.
За пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март 2025 година, обвинети се 34 лица. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.