ВИДЕО Инцидент во Охрид: Параглајдерист за малку ќе удреше мајка и дете на пешачки премин

Во Охрид владее вознемиреност по опасниот инцидент во кој параглајдерист за малку ќе удреше мајка и дете на пешачки премин. Како што пренесуваат локалните медиуми, за среќа е избегната трагедија на една од најфреквентните локации во градот.

Инцидентот се случил на пешачки премин кај месноста Студенчишта, каде што параглајдеристот предизвикал вистински хаос. Според пишувањата на порталот „Ohrid1“, на снимката од настанот јасно се слуша вресокот на преплашената мајка, која во последен момент успеала да го повлече своето дете и да избегне директен судир.

Параглајдеристот, кој извршувал комерцијални летови со туристи, летал опасно ниско над шеталиштето каде што во тој момент се движеле голем број луѓе. На кадрите се гледа како тој за влакно се разминува со мајката, додека други деца во близина бегаат испаничени од неочекуваната појава на леталото.

Летот не завршил со безбедно приземјување. Напротив, параглајдеристот со голема брзина удрил во столб за улично осветлување, при што целосно го оштетил и го соборил на земја.

Падот на столбот претставувал дополнителна опасност за минувачите. Според информациите, во тие моменти во непосредна близина се наоѓале и повозрасни лица кои се движеле со помагала, кои за среќа не биле повредени при падот на металната конструкција.