Шокантна глетка ги пречекала семејствата на починатите на градските гробишта во скопската населба Синѓелиќ. Наместо достоинствени вечни почивалишта на своите најблиски, тие затекнале забетонирани основи врз ковчезите, целосно поместени гробни места и нови парцели ископани на помалку од 50 сантиметри растојание.
„Треба ли сега да газам врз телата?“
Семејствата кои дошле да оддадат почит на своите најблиски сведочат за целосно непочитување на покојните и флагрантно нарушување на просторот. Сопруга на неодамна починат граѓанин ја опишува трауматичната глетка:
„Вчера во 18 часот дојдовме со цел да запалиме свеќи бидејќи поминаа три месеци од починувањето на мојот сопруг и затековме целосно поместување на гробното место. Мојот сопруг буквално е закопан помеѓу овие две цигли. Телата не се поместувани, туку се зациментирани одозгора. Поместени се и други два гроба… Ковчегот на мојот сопруг се наоѓа под бетонот.“
Таа додава дека просторот е толку нарушен што е невозможно да се пристапи до гробот без да се гази врз туѓи почивалишта.
- „Ова е вандализам. Сега јас да газам врз телата? Парцелите кои ги имаме беа број 7 и 8, а сега ова како ќе го крстат, 7,5?“ – револтирано прашува сопругата.
Опасност од одрони и префрлање на одговорноста
Освен сквернавењето на гробните места, семејствата се соочуваат и со сериозни инфраструктурни проблеми. Неодамна, Општина Гази Баба го стеснила патот кој поминува над гробиштата, што создало директна опасност од одрон на земјиштето врз самите гробови.
Иако проблемот е очигледен, институциите си ја префрлаат топката:
- АД „Бутел“ тврделе дека изградбата на потпорен ѕид не е во нивна надлежност.
- Општина Гази Баба исто така се прогласила за ненадлежна, наведувајќи дека нивна обврска бил само патот.
Поради ваквото игнорирање, трошоците за изградба на неопходниот потпорен ѕид паднале исклучиво на товар на ожалостените семејства.
„Ексклузивни“ парцели од 320.000 денари и молк од надлежните
Од Акционерското друштво за погребни и придружни активности „Бутел“ засега одбиваат да коментираат како е направен ваков голем превид и како дошло до бетонирање и поместување на гробните места. Оттаму само кусо најавуваат дека ќе излезат со официјални информации во понеделник, по извршениот увид на терен.
Во меѓувреме, неофицијалните информации фрлаат дополнителен сомнеж врз целиот случај. Имено, спорните парцели се воделе како „ексклузивни гробни места“. Иако реалната цена на самото гробно место изнесува 12.000 денари, семејствата тврдат дека биле условени да платат суми кои надминуваат и 320.000 денари. За да ја добијат парцелата, тие биле принудени да се согласат изработката на надгробните плочи и споменици да ја изврши исклучиво АД „Бутел“.
