Свет

ВИДЕО Трагедија во срцето на Европа: Исчезна езеро

ВИДЕО Трагедија во срцето на Европа: Исчезна езеро

Поради сушата што ја зафати Сицилија, речиси исчезна единственото природно езеро на тој медитерански остров, прибежиште за птиците на патот меѓу Африка и Европа.

На Сицилија со месеци недостигаат врнежи, што ја принуди италијанската влада таму да прогласи вонредна состојба.

Езерото Пергуза, дел од природниот резерват во близина на градот Ена во централниот дел на Сицилија, драматично пресуши поради фаталната „мешавина“ од високи температури и недостаток на дожд, соопштија научниците.
„Езерото го нема. Делот од водата што беше видлив целосно исчезна, освен ова езерце“, рече Џузепе Марија Амато од еколошката организација Легамбиенте, покажувајќи ја преостанатата вода.

Сицилија, остров со околу пет милиони жители, веќе подолго време се справува со високите температури предизвикани од климатските промени. Пред три години таму беше забележан европски рекорд од 48,8 степени, а некои градови воведуваат рестрикции за вода.

Во последниве години, сушите ги погодија и другите делови на Европа, како Франција и Шпанија. Особено загрозен е Медитеранот, каде просечната температура денес е за 1,5 степени повисока од пред 150 години.

„Езерото Пергуза е показател за тоа колку Сицилија страда од климатските промени“, рече Амато, додавајќи дека лошото одржување и канализациониот систем ја влошуваат вонредната состојба.

Езерото обично е со големина од 1,8 квадратни километри и не е зафатено од реки. Веќе се појавува во „Метаморфозите“ на римскиот поет Овидиј, кој го нарекол место на убавина и „вечна пролет“.

Вистинска катастрофа

Но тие времиња поминаа, пишува Ројтерс. Научниците сметаат дека сушата трајно ќе го оштети биодиверзитетот околу езерото, во кое покрај птиците преселници, живеат и риби, мекотели и мали безрбетници.

„Целосно пресушување и ненадополнување на водата наесен би било вистинска катастрофа. Мораме да разбереме дека климатските промени имаат влијание и дека почнуваат да носат непоправлива штета“, изјави експертот за клима Луиџи Пасоти. Тој додаде дека во изминатите 12 месеци на Сицилија паднале само 250 милиметри дожд, што е клучно за тој регион каде што земјоделството е мотор на економијата.

Пергуза не е директно поврзана со локалното земјоделство, но недостигот на вода влијае на секторот во центарот на островот, каде што земјоделците не можат да ги наполнат празните резервоари.

Загрозени се овоштарниците и маслиновите насади, поради што земјоделците купуваат вода по многу високи цени, но тоа наскоро може да се покаже како неодржливо, предупредуваат тие.

Херардо Форина, шеф на земјоделското лоби Колдирети, рече дека ситуацијата е „апсолутно ужасна“, особено за сточарите.

„Ние сме во опасност да колеме животни поради недостиг на вода“, рече тој.

Вака сува година не се сеќавам“, заклучи Форина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни