Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, жена која се претстави како жртва на семејно насилство изнесе сериозни обвинувања поврзани со одлука за старателство и, како што тврди, недоволна реакција на надлежните институции.
Таа наведе дека по бракоразводната постапка, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи донел одлука таткото шест пати месечно да го зема детето. Според нејзиното сведоштво, секое средба е проследена со вознемиреност кај детето, кое, како што тврди, покажува отпор кон контактот со родителот.
Во емисијата беше прикажана и видео-снимка, за која жената рече дека е направена пред една недела, а на која се слуша детски глас во состојба на плач.
„Снимката е направена пред точно една недела и се гледа дека детето не сака да оди кај родителот“, изјави таа, додавајќи дека при секое преземање, како што тврди, детето е вознемирено и одбива контакт.
Жената исто така изјави дека снимките ги доставила до надлежниот центар, од каде, според нејзините зборови, ѝ било кажано дека институцијата не е надлежна и дека одговорноста за евентуални последици е кај родителите.
Ова се тврдења изнесени во телевизиската емисија, а засега нема официјална реакција од надлежните институции во врска со случајот.
