Жена која тврди дека подолг период е жртва на семејно насилство од нејзиниот поранешен сопруг во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV јавно проговори за, како што вели, долгата и тешка борба со институциите за заштита на себе и на своето дете.
Таа во своето сведоштво истакна дека веќе една година се обидува да добие помош, пријавувајќи го случајот и во Центарот за социјални работи и во МВР, но според неа досега не биле преземени конкретни мерки.
„Се чувствувам многу несигурно во нашата држава, затоа што една година се борам за моето дете. Пријавувам во Центарот за социјални работи, во МВР, но ништо не се презема“, изјави таа во емисијата.
Според нејзините зборови, институциите не ги штитат доволно жените кои се жртви на насилство, особено кога во прашање се деца.
„Нашите институции не ги заштитуваат жените со деца. Институциите што ние ги плаќаме не ги штитат граѓаните, туку штитат поединци со моќ, пари и влијание што можат да ги поткупат“, рече жената.
Таа посочи дека е загрижена и за сопствената безбедност, но и за безбедноста на детето, додавајќи дека таткото, и покрај противењето на детето, го зема со сила. Според нејзиното сведоштво, детето не сака да оди кај него и има одбивност, бидејќи таткото со години не бил присутен во неговиот живот.
Целото сведоштво е објавено во видеото во рамки на емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.
