Во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV жена која тврди дека е жртва на семејно насилство од страна на поранешниот сопруг јавно проговори за, како што вели, долгата борба со институциите во обид да обезбеди заштита за себе и за своето дете.
Таа во своето сведоштво истакна дека веќе една година го пријавува случајот во Центарот за социјални работи и во МВР, но според неа досега не биле преземени конкретни чекори.
„Се чувствувам многу несигурно во нашата држава од причина што една година се борам за моето дете, пријавувам во Центарот за социјални работи, во МВР, но ништо не се презема“, изјави таа во емисијата.
Жената додаде дека, според нејзиното искуство, институциите не обезбедуваат доволна заштита за жените кои се жртви на насилство.
„Нашите институции не ги заштитуваат жените со деца. Институциите што ние ги плаќаме не ги штитат граѓаните, туку штитат поединци со моќ, пари и влијание што можат да ги поткупат“, рече таа.
Во своето сведоштво таа изрази загриженост и за сопствената безбедност, но и за безбедноста на своето дете. Според нејзините зборови, таткото го зема детето насилно и покрај противењето на детето, кое не сака да оди кај него и, како што тврди, има одбивност бидејќи со години не бил присутен во неговиот живот.
Целото сведоштво е објавено во видеото подолу.
