Здравје Магазин

Високите температури опасни за здравјето: Како да се препознаат знаците на топлотен удар

Високите температури опасни за здравјето: Како да се препознаат знаците на топлотен удар

Од засилено потење и дехидрација до топлотна исцрпеност и топлотен удар – летните горештини можат сериозно да го нарушат здравјето, особено доколку првите предупредувачки симптоми се игнорираат.

Екстремно високите температури претставуваат сериозен ризик за сите, а особено за постарите лица, малите деца, трудниците, лицата со прекумерна тежина, хронично болните и луѓето кои работат на отворено. Иако организмот има природни механизми за регулирање на телесната температура, тие имаат свои граници.

Кога телото повеќе не успева ефикасно да се разлади, најпрво се појавува дехидрација, а потоа и топлотна исцрпеност. Оваа состојба најчесто се препознава по обилно потење, силна жед, слабост, вртоглавица, главоболка, мачнина, грчеви во мускулите и чувство на исцрпеност.

Доколку не се реагира навреме, состојбата може да премине во топлотен удар, кој претставува сериозна медицинска состојба и може да биде опасен по живот. Симптоми кои бараат итна реакција се нагло зголемена телесна температура, конфузија, губење свест, забрзано дишење и нарушена свест.

Најголем ризик имаат постарите лица, бидејќи со возраста се намалува способноста на организмот да ја регулира температурата, како и чувството на жед. Кај малите деца системот за терморегулација сè уште не е целосно развиен, поради што и тие се посебно чувствителни на високите температури.

Горештините влијаат и врз секојдневното функционирање. Кај многу луѓе може да предизвикаат замор, раздразливост, проблеми со концентрацијата и нарушен сон. Високите температури во текот на ноќта го отежнуваат одморот, а недостатокот на сон дополнително го оптоварува организмот.

За заштита во топлите денови се препорачува избегнување директно изложување на сонце во периодот од 10 до 17 часот, престој во сенка, носење лесна и светла облека и редовен внес на течности, дури и кога нема чувство на жед.

Особено важно е да се внесува доволно вода во текот на целиот ден, во помали количини и почесто. Алкохолот и прекумерното консумирање кофеин треба да се избегнуваат бидејќи можат дополнително да придонесат за губење течности.

Лицата кои работат на отворено треба да прават почести паузи во сенка и, доколку е можно, најтешките физички активности да ги извршуваат во раните утрински часови.

Клима-уредите исто така треба да се користат внимателно. Големата разлика меѓу надворешната и внатрешната температура може негативно да влијае врз организмот, па се препорачува просториите да не се ладат премногу.

Иако човечкото тело има голема способност да се приспособи на различни услови, високите температури и големата влажност можат да бидат сериозен предизвик. Навремената заштита, хидратацијата и вниманието кон предупредувачките знаци се најважни за зачувување на здравјето во летните месеци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни