Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 85-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите. На прес-конференцијата присуствуваше и Виктор Андонов, соработник за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија кој информираше и одговараше на прашања од новинарите на тема енергетика.
Како што беше информирано на прес-конференцијата, Владата на вчерашната седница одобри 1,1 милијарда денари на АД ЕСМ за набавка на енергенси пред почетокот на грејната сезона, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
Со оваа и со сите други активности што се преземаат, граѓаните ќе имаат непречено снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона. Ресорните институции, како што беше истакнато, се во постојана координација за да се обезбедат потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени, сѐ со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. На таков начин ќе се дојде до најдоброто решение што би спречило ценовен шок и поскапување на парното. Владата, како што истакнаа портпаролите, е одлучна во справувањето со последиците од економската и енергетска криза предизвикана од глобални трендови.