Во услови на продолжени економски предизвици и нестабилност на светските пазари, Владата одлучи да ги продолжи мерките за заштита на животниот стандард и ублажување на ценовните шокови до 1 јуни 2026 година. Одлуката била донесена на денешната вонредна владина седница, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, продолжувањето на мерките има за цел да обезбеди економска стабилност и да ги намали инфлаторните притисоци врз граѓаните и компаниите, во период кога голем број држави се соочуваат со енергетска и економска неизвесност.
„Како Влада и Министерство за финансии обезбедуваме стабилност и предвидливост, намалување на инфлаторните притисоци, поддршка на економијата и зачувување на стандардот на граѓаните“, напиша министерката на социјалните мрежи.
Од Владата посочуваат дека мерките ќе продолжат да важат со цел полесно справување со економските последици од нестабилните цени на енергенсите и глобалните пазарни движења.
Во моментов не се објавени детали за тоа кои конкретни мерки остануваат активни, но од институциите уверуваат дека фокусот и натаму ќе биде ставен на заштита на граѓаните, контролирање на инфлацијата и поддршка на домашната економија.