Македонија

Владата ќе ја одржи редовната 23-та и две тематски седници

Владата на Република Северна Македонија денеска, ќе ја одржи редовната 23-та седница на која ќе разгледува повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На седницата, меѓу другото, ќе бидат разгледани Полугодишните извештаи за износот и бројот на одобрени кредити за поддршка на микро и мали претпријатија со можност за грант компонента (Ковид 3 кредитна линија) како и за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), Ковид 1 кредитната линија и кредитната линија за поддршка на трговски радиодифузни друштва.

Според предложениот ред, на седницата ќе се разгледуваат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија.

Редовната 23-та седница се очекува да започне во 15:00 часот, а пред нејзиниот почеток ќе бидат одржани две тематски седници.

Тематската 21-ва седница, со почеток во 12:00 часот, на која ќе присуствуваат и претставници на Светската банка е со единствена точка на дневниот ред – Презентација на Светската банка на портфолиото на Република Северна Македонија.

Во 14:00 часот, ќе започне 22-рата седница исто така тематска, на која ќе се разгледува Информацијата за креирање на Националната развојна стратегија 2021-2041 со предлог методолошка рамка.

За донесените одлуки и заклучоци од денешните Владини седници, јавноста ќе биде информирана со соопштение, по нивното завршување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни